Како едно училиште со помош на оценувањето ги подобрува предавањето и учењето

Долгогодишното партнерство  и соработка на О.У. “Кузман Јосифовски Питу“со УСАИД Проектот за основно образование (ПЕП)  резултира со  подобрено предавање, учење и оценување во училиштето.

Пред некое време, зборувавме со училишниот психолог и ПЕП обучувач, Злата Анчевска, која ни ги појасни деталите за тоа како тие ги унапредуваат наставата и учењето. Таа и наставничката по англиски која е и координатор на тимот за оценување, Лидија Котушева присуствувале на повеќе работилници организирани од ПЕП. Сите останати наставници и директорот посетувале обуки за подобрување на оценувањето.
           
            “По обуките за оценување во ПЕП, колегите и јас сметаме дека сме на вистински пат кон  промена и подобрување.  Во процесот на оценувањето има позитивни промени  што се случуваат спонтано и сигурно. Учениците сметаат дека новите методи на оценување се поинтересни и покорисни“ – изјави училишниот психолог, Злата Анчевска.

Според нашите сознанија, учениците особено сакаат да добиваат повратна информација од наставникот. Стариот метод на оценување е во втор план затоа што новиот е поинтересен и попорифатлив за децата. Давањето на повратна информација е особено корисно за учениците со оценки 2, 3 и 4, затоа што им помага да видат на што повеќе да обрнат внимание.

Ема е седмо одделение во училиштето “Кузман Јосифовски Питу“ и направила постер за Етички кодекс што ни покажа колку добро децата го разбираат овој кодекс. Исто така, ни кажа дека и се допаѓа новиот метод на оценување кога не се ставаат само “голи“бројки туку се укажува на што треба да се обрне внимание во иднина. Овој начин на оценување ги мотивира и ги поттикнува учениците.
 
“Повеќе сакам кога добивам повратна информација од наставникот за тоа што сум научила добро, а што треба повеќе да учам“- вели Ема.

На учениците од ова училиште особено  им се допаднало кога работеле со Етичкиот кодекс изготвен од ПЕП. На децата им се блиски примерите, а илустрираната брошура е еинтересна за нивната возраст. Во врска со  етичкиот кодекс, училиштето организираше работилница каде учениците  преку  “бура на идеи“работеа на дефинирање на Етички кодекс и имаа доста паметни и интересни идеи. Интересно е тоа што учениците сметаат дека возрасните треба да го практикуваат кодексот за да служат како пример за однесување. Тие направија сопствен етички кодекс за оценување на учениците и направија краток филм за типичните ситуации каде што овој кодекс се прекршува.

“Кузман Јосифовски Питу“ покажува како едно училиште преку воведување на нови техники на оценување и преку тимска работа може да расте и да се надградува со цел да им биде подобро на учениците.

Почетна / Дискреција / Контакт / Веб дизајнер

©2007 УСАИД Проект за Основно Образование

УСАИД • АЕД