Унапредување на оценувањето на учениците









 

Активностите на компонентата се насочени кон:

  • Зголемување на разбирањето на професионалната и пошироката јавност за квалитетното оценување, преку издавање на стручни и промотивни материјали, обезбедување на информации и вклучување во разгледување на прашања поврзани со оценувањето;
  • Унапредување на квалитетот на оценувањето во секојдневната наставна практика во училиштата;
  • Поврзување на оценувањето во училиштата со екстерните оценувања, за кои се одговорни Министерството за образование и наука и други државни институции.

Компонентата се стреми кон развивање на модел на  оценување во училиштата во Македонија, што ќе биде компатибилен со оној во Европската Унија.
Компонентата  се реализира во соработка со Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО).
Се реализираат следниве групи активности:

1.  Изготвување на стандарди за оценување на учениците во училиштата

ПЕП му помогна на Бирото за развој на образованието да изготви клучен документ, “Упатство за оценување на учениците во основните училишта”, што беше одобрено од Министерот за образование и наука на почетокот на 2008 година. Овој документ ги спојува двата основни принципи на училишно оценување, стандардите за квалитетна имплементација на оценувањето во училиштата и потребните компетенции на наставниците да го водат оценувањето по утврдени стандарди. Овој документ претставува основа за сите активности за подобрување на оценувањето во училиштата.
Со цел да се воспостават високи стандарди за оценување, компонентата изготви “Етички кодекс за оценување”. Овој кодекс ги засега наставниците, родителите, учениците и претставниците на властите кои се одговорни за образование. Многу училишта ги вклучија родителите и учениците и изготвија сопствени етички кодекси за оценување.
2. Обезбедување на поддршка за професионален развој на наставниците во оценувањето

Компонентата реализира обука за  формативно и за сумативно оценување, изготвување на тестови и други инструменти за оценување, употреба на различни методи на оценување за да се подобри учењето и успехот кај учениците. Со цел да се обезбедат обуки за сите наставници, ПЕП одржува работилници за обучување на национално, регионално и училишно ниво. Основните обуки за формативно оценување во периодот од јануари 2008 – септември 2010 ги завршиле над 90% од предметните наставници од сите основни училишта во Македонија. Директорите и стручните соработници и претставници на општините, исто така, поминале обуки за планирање и следење на унапредувањето на училишното оценување.  До крајот на проектот сите училишта ќе добијат обука за сумативно оценување.
Во текот на имплементацијата на проектот, на наставниците им е обезбедена поддршка од советниците од Бирото за развој на образованието и од поискусни колеги од  други училишта. ПЕП промовира соработка меѓу училиштата во областа на оценувањето. Експерти за оценување и наставниците  кои  се успешни во примената на новите пристапи кон оценувањето се ангажирани како обучувачи и ментори за други наставници.
3. Изготвување на електронски и пишани материјали за оценувањето

Наставниците кои се најкреативни во примената на различните методи и техники на оценување се третираат како водачи на промените и работат со ПЕП во изготвувањето на пишани и дигитални материјали за учење и обучување, вклучувајќи и инструменти за оценување што веднаш може да се користат во наставата. Исто така, работат на изготвување на тест задачи и создавање на електронска банка на тест задачи која наставниците ќе можат да ја користат за подобрување на квалитетот на задачите што сами ги изготвуваат и за изготвување на сопствени тестови.

 4. Поддршка на државните и локалните институции за образование во користење на новите приоди во оценувањето

За унапредување на оценувањето компонентата соработува со МОН, Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат и општините  преку организирање специфични обуки и обезбедување информации кои ќе им помогнат во креирањето на образовните политики.