| |
Трошоците за вода во ОУ “Блаже Конески” - Прилеп намалени за неверојатни 10 пати!
За здрав развој на нашите ученици, освен добрите услови во училницата и училишните простории, неопходно е и добро надворешно опкружување. Учениците треба да се чувствуваат пријатно во училишните клупи, но и во најблиската природа – училишниот двор. Доколку се успее да се искомбинира сето ова, со правилно користење на ресурсите од природата, тогаш се постигнува полн погодок.
ПЕП веќе години наназад остварува успешна соработка со ОУ ,,Блаже Конески’’ од Прилеп. Во ова училиште, меѓу другото, успешно се одвиваат активности во рамки на иницијативата на ПЕП ,,Зелени училишта’’.
Со цел да го разубави и раззелени училишниот двор, директорката на училиштето, Марија Дулевска, покрена иницијатива за преуредување на истиот. Во оваа акција безрезервно го вложија својот труд наставниците и учениците од ова училиште.
,,Пред неколку години, тоа беше запуштен простор кој за ништо не се користеше. Затоа, ние решивме, со заеднички сили и ресурси да го преуредиме во парк’’- рече директорката Дулеска.
Поради големите трошоци за вода, користена за наводнување на тревната површина на паркот, училиштето реши да ги искористи природните водни извори. Во текот на летните месеци, во училишниот двор бил ископан бунар, а учениците – членови на ,,Зелениот клуб’’ при училиштето изготвиле проект план за намалување на потрошувачката на вода, преку користење на водата од бунарот како санитетска вода во училиштето. ПЕП со задоволство ја поддржа оваа иницијатива преку набавка на пумпа, цевки и останати санитарни елементи. Во јуни оваа година пумпата веќе беше поставена, а од почетокот на оваа учебна година, училиштето јасно ги почувствува придобивките од заштедувачката на вода. Бунарот има доволен капацитет да опслужи околу 1000 ученици во училиштето, а со таа вода редовно се одржува и тревната површина во паркот во училишниот двор.
,,Ова е веќе трет месец како јасно ги чувствуваме придобивките од направената инвестиција со пумпата во училишниот двор. Порано, месечните сметки за вода на училиштето достигаа и до 60.000 денари. Овој месец, сметката за вода беше само 5.000 денари, сите останати потреби за санитетска вода ги задоволуваме со водата од бунарот. Замислете, инвестицијата целосно се отплати за само три месеци’’- рече директорката, презадоволна од оваа ситуација.
Училиштето организира и голем број на други еко-активности, како што се: акции за садење дрва, чистење на локалното езеро, како и иницијатива за возење на велосипеди со цел да се подигне свеста за животната околина.
Наставниците и учениците од ова училиште активно работат на зачувување и подобрување на животната средина. Воедно, свеста и едукацијата на учениците во ОУ ,,Блаже Конески’’ од областа на екологијата и енергетската ефикасност е на високо ниво.
Наставникот по техничко образование, Петар Андоноски, за време на нашата средба рече:
,,Земјите, кои во иднина ќе обезбедат вода, ќе бидат богати земји и позитивни животни средини.”
Да работиме и ние кон оваа цел.
Претходни вести: 2009; 2008; 2007;
|
|

,,Сега, освен што имаме прекрасен оззеленет парк, бунарот и пумпата која ни ја обезбеди ПЕП, многу ги намалуваат трошоците за вода во училиштето’’-рече директорката Дулевска.



Учениците за време на нивните активности за разубавување на училиштето
|
|