| |
ПЕП- катализатор на позитивни училишни промени
Главна цел на училиштата во XXI-от век е создавање на подобра средина за учење, која исто така ќе биде енергетски ефикасна и економична. Енергетската ефикасност не подразбира само грижа и свест за животната околина, туку претставува и долгорочна инвестиција со помош на која училиштата би заштедиле финансиски средства. Едно од училиштата, партнери на ПЕП, кое веќе неколку години напорно работи во оваа насока е ОУ ,,Јосип Броз-Тито’’ од Валандово.
Во 2008 година, по успешното аплицирање на училиштето за влез во програмата на ПЕП за реновирање, беа обезбедени средства за замена на стариот со нов, нискотемпературен котел, кој ги исполнува сите најсовремени стандарди. Со ова се очекуваше значително да се намалат трошоците за нафта, а инвестицијата целосно да биде вратена во наредните 3 години.
По завршувањето на овој проект придобивките станаа видливи. Ова училиште претрпе битни промени во својот физички изглед и квалитетот на условите за работа и учење, и тоа:
- Замена на речиси сите прозорци и врати во училиштето и санација на подот во училниците и училишниот хол;
- Оградување и уредување на училишниот двор, а во тек е и обновување на фасадата на училишната зграда;
- Потопла и попријатна средина за учење во училниците кои се сега опремени со нови нагледни материјали;
- Замена на дел од столаријата и во останатите подрачни училишта и набавка на нови котли во некои од нив.
Пред неколку години физичките услови на училишната зграда која опслужуваше скоро петстотини ученици не ги исполнуваше стандардите на XXI-от век. Работните услови во ова училиште беа тешки, а во текот на зимските месеци од годината беа речиси неподносливи.
,,Поради старите прозорци, во училниците и холот постојано имаше провев, а старата котлара беше премногу слаба за да обезбеди доволно топлина. Кога надвор температурите беа под нула, во некои училници едвај се постигнуваа максимални 8°C. Постојано се боревме со студот, а во исто време и со превисоките сметки кои училиштето ги плаќаше за греење’’- рече Катерина Гугуљанова, директорка на училиштето.
Со стариот котел училиштето трошело триесетина тони нафта за една грејна сезона. По поставувањето на новиот котел, потрошувачката е скоро двојно намалена – во текот на 2009 година биле потрошени 17 тони, што значи дека само во текот на минатата година биле заштедени повеќе од 400.000 денари, односно повеќе од 700.000 денари во последните две години. Како резултат од доброто менаџирање на овие средства, досега беа направени сите гореспоменати инвестиции во централното и подрачните училишта, а истите ќе продолжат и во иднина.
ПЕП со оваа своја инвестиција се покажа како одличен катализатор за позитивни училишни промени.
,,Централното училиште е веќе во далеку подобра состојба. Треба да се замени само уште кровот. Но, ние сме многу задоволни. Толку многу направивме во изминатите две години од средствата кои ги заштедивме од намалените трошоци за греење. Сега веќе се насочуваме и кон подрачните училишта; и ним им е потребно фасадирање, менување на столаријата и други интервенции’’- рече Илија Митков, претседател на училишниот одбор.
Понекогаш, малите интервенции водат до големи промени. Тимот на ПЕП искрено верува дека позитивните промени во ОУ Јосип Броз-Тито, како пример на успешна приказна, ќе бидат реплицирани и во многу други основни училишта во Македонија.
Претходни вести: 2009; 2008; 2007;
|
|

,,Условите се далеку подобри од порано. Хигиената е на повисоко ниво, потопло е во училиштето, а истовремено трошиме многу помалку пари’’-истакна директорката на ОУ ,,Јосип Броз-Тито’’, Валандово

,,Следен чекор ни е замена на светилките со штедливи светилки’’

,,И во спортската сала планираме да ставиме сончеви колектори за затоплување на водата во тушевите’’

Во училиштето, на високо ниво е свеста за едукацијата на учениците за енергетската ефикасност, како неразделлив дел од живеењето во XXI-от век
|
|