Наставниците користат видео снимки за професионален развој
Група од дваесет наставници, ентузијасти и предводници во својата професија се собраа за да зачекорат на едно ново ниво на професионален развој преку учење од своите колеги. Комбинираната група од одделенски и предметни наставници, кои предаваат на македонски и албански јазик, дискутираа за тоа што е добра наставна пракса и како да се сподели истата со други колеги преку видео снимка.
ПЕП обезбеди флип камери и обука за нивно користење и користење на софтвер за обработка на снимки. Една од учесничките, Анита Николовска, одделенска наставничка од ОУ Толи Зордумис од Ржановце, рече: „Целта на видеата е да ги разбиеме стереотипните предавања и навистина да направиме часови и настава на 21-от век. Да видиме примери од навистина добра пракса.“
За време на април и мај, тие ги подготвуваа часовите за снимање користејќи планови за час и книги на
снимање. Тоа им помогна на наставниците да се сконцентрираат на пораката која сакаат да ја испратат преку видео снимката. Снимање на часот беше спроведено со помош на колега од училиштето. Наставниците пребаруваа на интернет како наставници од други земји ги користат видео снимките за да го подобрат својот професионален развој.
Фатиме Алии, одделенска наставничка од ОУ Живко Брајковски од Скопје рече: „По работилницата, гледав снимки на Teacher.TV секој ден... тоа ми беше ритуал за почеток на денот... и добив многу идеи за моите часови.“
Во јуни, истата група наставници се сретна повторно за да ги сподели своите видео снимки и да даде корисни повратни информации за подобрување на својата работа. Жаклина Ристовска, одделенска наставничка од основното училиште Живко Брајковски од Скопје, вредноста на размената на снимени часови меѓу колеги ја гледа во следново: “Обично, кога ќе видиме една идеја, на нас наставниците ни се раѓаат 100 идеи слични или сосема различни... И така оди понапред целиот образовен процес”.
Претходни вести: 2009; 2008; 2007;