(Само)оценувањето на наставниците во ОУ ‘Сандо Масев’ го подобрува оценувањето на учениците
Методите и приодите за формативно оценување што се дел од обуките во Компонентата 'Унапредување на оценувањето’, во ОУ ‘Сандо Масев’ од Струмица не се примeнуваат само во реализацијата на наставата, туку тие се користат и за подобрување на сопствената работа на воспитно-образовниот кадар. Наместо поранешната практика за време на одделенските и наставничките совети да се разговара за сумативните оценки, сега фокусот е ставен на формативното оценување.
Имено, минатата година, директорката на училиштето побарала од наставниците во предметна настава да размислат за тоа како ги оценуваат учениците, кои форми и методи ги користат при тоа, а посебен акцент да стават на формативното оценување. Исто така, наставниците имале можност, доколку сакале, да споделат свој пример од пракса што го оцениле како најдобар од аспект на оценувањето. Овие размислувања и самопроценки, наставниците ги споделиле меѓу себе на состанокот на наставничкиот совет.
За да ги охрабрат и другите наставници, за своите искуства за оценувањето, прво зборувале членовите на тимот за оценување, којшто одлично функционира во училиштето. Наставниците кои имале “помалку да кажат“ внимателно слушале, но и ги прашувале колегите. Взаемно корисно било да се чуе дискусија за она што се прави, но на сите им се поставувало прашањето: Дали тоа навистина добро го правам? Имало и констатации и прашања од типот: “Ако јас како наставник предавам во 5 паралелки, зошто во 3 паралелки ми успева учениците да научат, а во останатите 2 не ми успева?”
Наставниците на советот усно презентирале за оценувањето што го спроведувале, а потоа, тоа го запишале и го приложиле во своето наставничко портфолио.
Директорката Лидија Манушева вели: „Целта е наставниците да се навраќаат на својата прва саморефлексија и до следниот наставнички совет да се потрудат да го сменат тоа со што не биле задоволни во нивната наставна пракса, што ќе резултира со подобрување на оценувањето. Овој начин на работа на одделенските совети, го оценувам како исклучително корисна практика. Мислам дека овој начин на работа дава добри резултати затоа што ги поттикнува наставниците да размислуваат за себе како за личности што мора да се менуваат во насока на постојано усовршување на своето знаење и да користат различни форми и методи на работа, со цел да го подобрат учењето кај учениците“.
Поттикнати од ова минатогодишно искуство, и оваа учебна година, во програмата за унапредување на оценувањето, покрај другите активности, планирано е секој наставник да подготви писмена информација во која ќе направи саморефлексија на сопственото оценување, што ќе ја презентира на одделенските совети. Таа треба да даде одговор на следниве прашања:
- Кои форми, методи и инструменти ги користев во процесот на оценување и со каква цел (за формативно или сумативно оценување)?
- Што беше добро во тоа што го применив?
- Што треба да подобрам во иднина?
- Како ќе го направам тоа?
- Што очекувам да се подобри во учењето на учениците?
Исто така, секој од наставниците треба да сподели по еден пример за добра пракса од аспект на оценувањето.
Тимот на ПЕП ги поздравува и охрабрува ваквите напори на директорите и наставниците, кои преку самопроценка на сопствената работа доведуваат до поквалитетно оценување.
Претходни вести: 2009; 2008; 2007;